Брзата мода и она што доаѓа со ефтините парчиња облека

Кога последен пат сте купиле евтино парче облека и колку често го правите тоа? Дали купувате облека кога немате потреба, само поради што сте налетале на огромни попусти во продавниците? Дали ја фрлате облеката која повеќе не ви е потребна? 

Доколку се најдовте во одговорите на овие прашања, прочитајте како брзата мода и евтината облека влијаат врз климатските промени.

Можеби изгледа наивна, па дури и симпатична радоста кога налетувате на интересна блуза со шик дизајн, и тоа во продавница од познатите светски водечки брендови во индустријата. Покрај тоа што е „брендирана“ ја наоѓате по примамлива цена, па веднаш си споредувате: „ах, па тоа е колку две кутии цигари!“ и одлуката е веќе донесена.

Секако дека ни на крај памет не ви доаѓа приказната за блузата, како се нашла на излогот и кој е патот што го поминала за да дојде до вас. Но, време е да почнеме да размислуваме за тие работи затоа што ваквата пракса и, генерално, брзата мода воопшто не е наивна работа. 

Само еден од аспектите на темната страна на брзата мода е нејзиното учество во загадувањето на воздухот – глобален проблем кој бара итни мерки и долгорочни стратегии, проблем кој особено ги погодува помалку развиените земји како што е нашата. Според истражувањето на Бизнис Инсајдер, производството на облека учествува со дури 10% во целокупните емисии на јаглерод диоксид, и тоа само во рамките на Европа. 

Но, покрај овој аспект, неизбежно следува неодговорната енормна потрошувачка на вода во рамките на производството на облека – модната индустрија е вториот најголем потрошувач на вода, но и вториот најголем загадувач на вода во светот затоа што самата вода која што се употребува во процесот на боење на облеката завршува во реките, потоците, морињата и океаните оставајќи сериозни и долгорочни последици.

Понатаму, големите светски брендови користат нееколошки материјали како полиестер, акрилик итн на кои им се потребни стотици години за разградување, вклучуваат интензивни енергетски процеси и ресурси, а секако дека огромен е и проблемот со евтината работна сила со оглед на тоа што фабриките на овие модни гиганти најчесто се лоцирани во економски неразвиените земји. Па така, аргументот што често се користи  дека евтината облека е од огромен бенефит за посиромашните луѓе автоматски пропаѓа во вода кога ќе сфатиме дека истата доаѓа токму од сиромашните луѓе и нивната експлоатација која најдобро може да се опише како „современо ропство“.

И еве нè, пред излогот со шик блуза со интересен дизајн токму од онаа, темната страна на приказната. Но, што може ние, како поединци да направиме? 

За почеток, огромен чекор е мудриот избор при купувањето облека, а за тоа, како и за многу други работи во животот важи правилото: подобро е ретко но квалитетно! Во однос на облеката, подобро е да купуваме парчиња од еколошки подобни материјали и секако, да ја избегнуваме брзата и евтина мода колку и да изгледа на моменти примамлива. Рециклирањето и реупотребата на текстилот се уште едни многу значајни работи што може да ги направиме кога конкретните парчиња облека не ни се повеќе потребни. Едукацијата, ширењето на информациите што самите ги поседуваме се, исто така, од огромен придонес кон подигнувањето на свеста за штетните влијанија на брзата мода врз целокупното здравје и иднината на нашата планета.

И конечно, најдобриот начин за пристапување кон позитивни промени не е следниот пат, ниту уште ова парче облека, туку токму во овој миг СЕГА!