Нашата есенска акција со цел: подигнување на свеста за рециклирање на текстилен отпад, продолжува и добива сè поголеми размери!
Од 26.09.2024 до 04.10.2024 имавме прилика да се запознаеме, да се подружиме, но и да научиме многу корисни нешта со учениците од училиштата од Прилеп и тоа: OОУ „Добре Јованоски“, ООУ „Блаже Конески“, ООУ „Климент Охридски“, ООУ „Гоце Делчев“ , ООУ „Рампо Левката“ , ООУ „Кочо Рацин“ , ООУ „Кире Гаврилоски“, СОУ „Ѓорче Петров“-текстилно, но исто така и со дечињата од градинките: ЈОУДГ „Наша Иднина“, „Бончејца“ , „Вишне“ , „Гоце Делчев“ , „Добре Јованоски“ , „Работнички“ и „Рампо Левката“.
Некои од прашањата кои беа поставени беа:
– зошто е важно да се рециклира текстилниот отпад?
– како може да помогнеме и да дадеме личен придонес кон нашата животна средина?
– каде може да рециклираме текстилен отпад и да се ослободиме од сета стара облека, јоргани, постелнини и други видови непотребни материјали?
А потоа, заедно, преку многу забава, работилници и прекрасна атмосфера дојдовме до следните одговори:
– текстилниот отпад станува сè поголема закана за нашата животна средина;
– сега може секој од нас да го рециклира својот непотребен текстил;
– рециклирањето текстилен отпад треба да почне ВЕДНАШ и со секој од нас.
Секако дека во рамките на нашата работилница, со нас беше и Хипо – контејнер и наш пријател кој може да собере секаков вид на текстил што повеќе не ни е потребен. Хипо истовремено ни помага и да направиме „чистка“ во домот, како и да се однесуваме грижливо и одговорно кон нашата животна средина.
Затоа што, многу од тоа како ќе изгледа нашата планета во иднината – зависи од постапките на секој од нас, во сегашноста.