Придобивките од “Циркуларната мода” за нашата планета

Современиот човек и брзиот начин на живот 

Живееме во епоха која што е окарактеризирана со брз техничко-технолошки развој што сè уште се ре(обмислува) и сè уште има големи и бројни цели кои допрва треба да се постигнат; вештачката интелигенција е една од темите кои се најактуелни на глобално ниво; а секако, тука е и модерниот начин на живеење во денешниот општествен, економски, политички и културен контекст. Модерниот начин на живот е, во најширока смисла, брз начин на живот каде што многу работи ни се достапни за само неколку секунди; со неколку мигови „скролање“ или, уште помалку, само со еден „клик“. 

Ваквите пракси секако дека многу влијаат на нашите конзументски навики поттикнати од големите индустрии кои, се чини, се чинителите коишто најмногу профитираат од современиот брз начин на живот. Тоа, во голема мера се однесува и на текстилната индустрија; на масовните, динамични процеси на производство; масовниот конзумеризам кој оди рака под рака со ниските цени и блескавите рекламни кампањи исполнети со многубројни слогани за важноста на стилот, индивидуалноста, впечатливоста итн. Луѓето се опкружени со мотото: „живеј за денес“ и буквално, го живеат принципот: „земи (грабај) – носи – фрли“, а тоа е една од најштетните современи практики кои во голема мера влијаат на благосостојбата на нашата животна средина, како и на иднината на нашата планета. Зошто? Овој принцип е моментален, инстантен, краткорочен и воопшто не размислува ниту пак се грижи за последиците од она што доаѓа потоа. 

Зошто „циркуларна мода“ наместо „брза мода“?

Што е, всушност, тоа што доаѓа? Најкусо, „брзата мода“ значи брзо и масовно производство на облека најчесто создадена од синтетички материјали во процеси кои вклучуваат токсични супстанци – облека (да потсетиме: земи-носи-фрли) која најчесто завршува како отпад и чие биеразградување може да трае и до стотици илјади години. Во друг случај, милионите тони отпад од облека се носат во неразвиените или ниско развиените земји каде што несоодветното уништување остава трајни и многу опасни последици по водата, почвата и воздухот, а тоа значи и по здравјето на огромен број на луѓе во тие земји. Сосем друг, но исто така важен проблем во оваа насока е и евтината работна сила која што големите текстилни гиганти ја користат поставувајќи ги своите фабрики во неразвиените земји.

Токму овде, како директно спротивставување на конзумеризмот (од типот: земи-носи-фрли) и брзата мода, се појавува терминот и идејата за „циркуларна мода“. Што подразбира таа? Основната цел на циркуларната мода е да создаде еден кружен тек чии придвижувања ќе доведат до зголемувањето животниот век на облеката но и минимизирањето на текстилниот отпад во исто време. 

Кои се начините за постигнување на тоа? 

  • Облеката би се прозиведувала од квалитетни и еко подобни материјали. Така, автоматски би се зголемило времетраењето на употребата на облеката односно би се отстранила потребата од честите и непотребни замени на конкретните парчиња облека.
  • Употреба на рециклирани односно реупотребени материјали во производството со што диреткно се спречува неодговорното фрлање на текстилниот отпад и се продолжува животниот век на облеката преку нејзиното ресоздавање и нова употреба. 
  • Други методи на „циркуларната мода“ вклучуваат изнајмување, препродажба (облека од втора рака), преработка на облеката и нејзино понатамошно користење, создавање на платформи за размена каде што облеката може да се замени од еден на друг корисник и, повторно, да се продолжи нејзиниот животен век.
  • Секако, крајната цел на „циркуларната мода“ е рециклирањето, подигнувањето на свеста за рециклирање на текстилнот отпад, олеснувањето на самиот процес и приближувањето на рециклирачките капацитети до луѓето. 

Што можам јас?

„Цирклуларната мода“ е една голема визија која не само што е неопходна, туку е и природна на долгорочен пат за иднината на нашата планета затоа што токму животот на нашата планета е циркулирачки и циклусен. Таа се врти, се троши, се обновува, но никогаш не се движи во права линија, нема почетна и крајна точка. 

Конечно, ниту еден колективен потфат, ниту една голема идеја како идејата за „циркуларната мода“ не би била возможна без индивидуалниот влог, сопствената иницијатива што треба да започне со прашањето: „Што можам лично јас да променам?“ А толкму тоа е само почетокот на макотрпното, но сепак, извонредно патување до подобрувањето на нашата животна средина и продолжувањето на животниот век на нашата планета.