Кој ќе ја спаси нашата планета?

Имаме само една планета на која што живееме, но се однесуваме како да е обичен недвижен простор кој може да го замениме, да се иселиме, да најдеме подобар или, накусо, како оваа наша „недвижност“ да може вечно да ни биде на располагање и вечно да го трпи нашиот начин на живот. А современиот животен стил е брз, конзумеристички, капиталистички и произведува незамисливо огромни количини на отпад кои не секогаш ги гледаме пред нас или во нашиот двор, но ние самите лично, придонесуваме во зголемувањето на депониите и, генерално, во загадувањето на нашата една Земја која ни е единственото место за живот. Не само нас, туку и на оние кои треба да живеат после нас. 

Текстилниот отпад како еден од најголемите загадувачки фактори

Текстилниот отпад е огромен дел од проблемот бидејќи текстилниот индустриски сектор, всушност, е еден од најголемите загадувачи. Според истражувањата, 75% од текстилниот отпад во светот завршува како отпад додека, пак, 25% се рециклира и повторно се користи, но само 1% од рециклираниот текстил, повторно се враќа во употреба како облека. Овие 75% се бројка што, навистина, запрепастува и бара итни мерки што го вклучуваат придонесот како и на сите големи производители, така и на сите нас, како поединци. Во суштината на проблемот е потрошувачката на суровини односно нејзиното намалување и повторна употреба на производите кои се сметаат за отпад, односно идејата за управувањето со текстилниот отпад. 

Но, што може да се направи и дали е доцна за да се спаси нашата планета? Како купувачи, како конзументи, а уште повеќе, како жители на „недвижноста“ за која немаме друга алтернатива, МОРА да реагираме на застрашувачките статистики, а најдобар почеток е прашањето: како можам ЈАС да придонесам? 

Како реупотребуваме, а како рециклираме текстил? 

Одговорите се многубројни и опширни, но наједноставната почетна точка, всушност, се состои во реупотребата и рециклирањето. Накусо, колку за разграничување, реупотребата значи продолжување на животниот век на конкретниот предмет (пример, парче облека) преку негова продолжена употреба. Тоа може да вклучи различни начини како што е позајмување, изнајмување, подарување, замена односно пренос на облеката од еден на друг сопственик (една од најраспространетите практики за реупотреба е т.н. купување од „втора рака“). Додека, пак, рециклирањето подразбира преработка на веќе употребуваниот (искористен) тексил со цел негова нова употреба, во форма на нови текстилни производи. За таа намена, го собираме нашиот непотребен текстил, го сортираме по однос на различните материјали и го носиме во најблиските центри за рециклирање на текстил. И на едниот и на другиот начин, ние лично придонесуваме кон идејата за одржлива мода, одржлив начин на живот и, најважно, кон намалувањето на штетните влијанија врз нашата животна средина. 

Постојат неограничен број на варијанти преку кои можеме да придонесеме, особено ако примениме и креативност во пристапот: на пример, нашата износена маица може да стане одлична крпа за чистење на прозорци; фармерките кои се оштетени во еден дел може да се исечат на повеќе парчиња кои може да се аплицираат на други производи (фармерки, чанти, блузи); доколку умееме да шиеме можеме да создадеме сосем нов производ од веќе користени материјали итн… Креативноста е поле кое не познава никакви ограничувања и може да изроди со уникатни, модерни, автентични производи. Секако, подарувањето облека (во добра, чиста состојба) е опцијата која секогаш ни стои на располгање и која секогаш треба да ја избереме пред опцијата на фрлање и зголемувањето на текстилниот отпад во кој колку и да ни изгледа безначаен нашиот дел, тој сепак, има огромно значење. 

„Сега и веднаш“

Борбата со негативните влијанија на брзата мода мора да ја почнеме „сега и веднаш“. Заради сè што споменавме досега (и заради многу од работите што не можат да се добројат); заради загадувањето на водата, воздухот и почвата; заради тоа што нашата Земја не е недвижност што може да ја продадеме и да си купиме поубава. Управувањето со текстилниот отпад е императив за долгорочна стратегија, но стратегија што ниту секунда повеќе не смее да се одложува. Реупотребата и рециклирањето се најлесните чекори со кои може да започне секој од нас да се вклучи во процесот што е неопходен и суштински. 

Алпскиот скијач Робер Свон има една изрека која го сумира целиот проблем на извонредно прецизен начин: Најголемата закана за нашата планета е верувањето дека некој друг ќе ја спаси“. И тоа вистина која треба сите да ја научиме напамет: не, никој друг нема да ја спаси – за нашата планета е одговорен секој еден од нас, а спасаувањето мора да започне сега и веднаш.