Тексомак и Општина Гевгелија – Едукативна кампања за рециклирање на текстилен отпад - 07.05.2026

На ден 07.05.2026 заедно со Општина Гевгелија реализиравме едукативна кампања во основните училишта и детските градинки во Гевгелија, посветени на правилното селектирање и рециклирање на текстилен отпад.

Преку интерактивни презентации, разговори и едукативни содржини прилагодени за најмладите, им помогнавме на децата да научат колку е важна грижата за животната средина и како секој од нас може да придонесе за почиста и поздрава иднина. На интересен и лесно разбирлив начин ги запознавме со последиците од несовесното фрлање текстилен отпад, но и со можностите за негово правилно одложување и рециклирање.

Посебно внимание и радост кај децата предизвика нашиот пријател-контејнер ХИПО, кој преку игра и дружење им покажа каде треба да завршат старата облека, перниците, постелнината, јорганите и останатиот непотребен текстил. Преку ваков забавен и едукативен пристап, најмладите полесно ги усвојуваа еколошките навики и ја препознаваа важноста на рециклирањето.

Овие активности се дел од нашата заедничка соработка со Општина Гевгелија за воспоставување систем за управување со отпаден текстил на подрачјето на општината.

Во наредниот период продолжуваме со реализација на вакви едукативни настани и во населените места во општината, со цел да придонесеме кон подигнување на јавната свест и создавање еколошка култура кај сите генерации.